SR EN

BLOG

Долгиот пат од неука до наука

Objavljeno: 13. 09. 2017. Autor: Igor Spiroski

Истражувањето и науката не се високо рангирани во приоритетите на државата во Република Македонија (РМ). Буџетот кој се издвојува за истражување и развој, изразен како процент од бруто домашниот производ (БДП) изнесува околу 0,4%, што е минимален процент споредено со буџетот кој се издвојува во земји со слични карактеристики како Македонија, како што е на пример Словенија, каде издвојувањата за таа намена се околу 2,4%. Да не ги земаме предвид високо развиените земји кои силно се потпираат на науката и истражувањето во нивниот севкупен развој, кај кои издвојувањата се над 3% (Израел, Шведска, Финска...).

Универзитетите и факултетите тешко доаѓаат до средства за свои истражувања. Универзитетите во Македонија се главно државни и согласно тоа е јасно дека средствата добиени од државата се недоволни за некаква сериозна истражувачка работа. На пример, финансирањето на истражувањата во јавното здравје и медицинските науки, од каде доаѓам и можам најјасно да проценам, главно е базирано на средства обезбедени од меѓународни агенции на Обединетите Нации или од фармацевтски компании кај клиничките истражувања.

Улогата на државата во истражувањето и науката е јасна и таа е слаба. Но, дали истражувачите се на висината на својата задача? Дали тие се доволно активни и „жедни“ за знаење? Дали се посветени на науката и на видливоста на својата работа преку публикување на резултати? Дали постои објективност и дали најдобрите студенти стануваат идни научници?

Одговорот на сите овие прашања е „Не“.

Долг низ на години во Македонија не се створи култура на научно истражување и научна мисла. Mи се чини дека научната транзиција трае подолго од веројатно најдолгата политичко-економска транзиција во Европа. Најголем број на научниците и академиците кои беа регрутирани како владини функционери во разни ресори и самите најчесто имаа слабо или никакво научно портфолио, станувајќи универзитетски професори во време кога научната извонредност била мал дел од вкупните критериуми на општествена подобност (видлива е разликата кога на местата на кои се одлучува ќе дојдат вистински, а не политички-регрутирани научници). Субјективноста, политичкиот протекционизам и непотизмот при влезот во универзитетската заедница беа непишано правило. Долгите години на натпревар сами со себе или со универзитети од државата во која опстојуваше македонската наука до независноста, доведоа до неспремност за отворен научен натпревар во кој нема да има некаква (полу)диригираност или реципроцитет во распределбата на средствата на разни домашни конкурси. Одеднаш се најдовме на „отворено море“, каде нема предефинирани шанси и лажни научни величини, каде нечија научна извонредност може да се процени со два клика наместо со преданија дека некој е „долгогодишен истакна професор и научник“.

И наместо да се направи промена во ваквите пракси, тие пракси останаа и по независноста и градењето на едно ново општество. Тоа резултираше со тоа што гледавме како најдобрите студенти пред очи ни заминуваа, а тука остануваа полоши од нив. Секако, во тој процес се случува во науката да влезат извонредни студенти, но далеку од тоа дека тоа е некаков систем, повеќе е сплет на среќни околности во кои извонредноста на студентот никогаш не е пресуден критериум за негово останување на факултет и градење на академска кариера. И не само тоа. Во општеството оправдано се створи атмосфера дека македонската научна заедница не остава никаков отпечаток, дека е лесно поткуплива и е типичен репрезент на околината во која индивидуалните квалитети и стручноста на се клучен критериум за професионален напредок.

Заради тоа Законот за високото образование, кој предвидуваше прекин на непотизмот и значајно повисоки критериуми за академско напредување, беше дочекан на нож од академската заедница. Законот инаку имаше еден куп недостатоци, но како лакмус ја откри неподготвеноста на македонската академска заедница за подигање на нивото на научнопто дејствување и свртување кон нови научни хоризонти во кои квалитетот и научната работа бараат варификација од колегите научници на регионално и глобално ниво.

Секако, новонастанатата ситуација не им сметаше на најдобрите меѓу нас, оние на кои не им треба никаква регулација за да останат посветени на својата апликативна и научна дејност и истите да ги обединат во форма на меѓународна видливост преку публикување на резултатите од своите истражувања. Тоа само покажа дека во Македонија опстојува една група на научници, небаре научен кружок, кои независно од општествените прилики во сиве овие години не се предале и не се потпирале врз моќта на државата да ги решава проблемите на научниците. Не, тие уште на почетокот на своите кариери ја сфатиле новата реалност и ја искористиле можноста на поврзувањето, глобализацијата и можноста да се биде близу до новините во науката како никогаш претходно. Тие изградија мостови, воспоставија врски и контакти со колеги од слични научни дисциплини во светот и настапја сами или во група на новиот „научен пазар“ кој нуди можности за истражувања и отвора видици. Навреме ја увидоа можноста што ја нудат истражувачките програми, најпрво регионалните, потоа оние на Европската Унија, но и глобалните повици за истражувачки грантови. Ете ги, веќе имаат завиден број на Европски проекти зад себе, заедно со сè друго што оди со нив, нови вмрежувања, патувања, публикации и академски дострели, без да потрошат трошка време молејќи кај своите надредени или кај определени службеници по министерствата.

И тоа е решението. Македонската научна заедница треба полека да заборава на тоа дека државата треба да ѝ обезбеди услови за нејзината креативна дејност, покрај тоа што ѝ обезбедува плата. Помошта од тој тип треба да биде ад-хок и само доколку евентуално носи некаков државен интерес, што и да се подразбира под таа флоскула. Во сите други случаи научната заедница треба да се „репрограмира“ и „преквалификува“. Таквиот процес претпоставува учење на „научна дипломатија“ преку која ќе се влезе во партнерство со научници од други земји и заеднички настап пред надворешни истражувачки фондови, хоризонтално поврзување на државно ниво во кое и така малите капацитети ќе се здружат за да нема преклопување во дејствувањето и непотребно трошење на ресурси и секако, промена на пристапот при едукацијата на идните научници во насока на критичко мислење и пишување. Оти сè е променето. Книгите се наоѓаат брзо, електронските изданија уште побрзо, се пишува кратко и концизно, никој нема време да чита онолку колку што ние мислиме дека дека треба да напишеме, журналите се прилагодуваат на потребата од видливост на научните истражувања и го прифаќаат „отворенот пристап“. На студентите веќе не можеме да им „откриваме вистини“, тие сами ги откриваат, наше е да им кажеме како побрзо да дојдат до нив. Убаво вели Ричард Вензел (Richard P. Wenzel) во неговиот воведник во The New England Journal of Medicine од 17. август годинава, во текстот насловен како Медицинското образование во ера на алтернативни факти: „Додека ги охрабруваме студентите да прашуваат за новите информации и за догмите кои ги слушаат, ние мора да го поддржиме почитувањето меѓу нас, толерирајќи ги различните гледишта, без да креираме непотребно поларизирање. Наследството во областа на медицината е денес пред предизвикот на некритичко прифаќање на гласни кратки информации, кои се појавуваат како чест, но несреќен калап во нашето социјално ткиво. Ние не можеме беспомошно да седиме настрана – нашите студенти и нивните идни пациенти заслужуваат повеќе“.

Така ќе создадеме идни истражувачи и научници кои еден ден може да станат и носители на одлуки, но истите ќе ги носат врз база на факти, а не на догми, гласни невистини или социјално прифатливи однесувања.  

д-р Игор Спироски, научен соработник на Медицински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

igor.spiroski@medf.ukim.edu.mk

 

2 komentara

Dodajte komentar

  • So zadovolstvo go procitav Vasiot napis, Igor. Vi pozeluvam mnogu uspesi vo rabotata. Pozdrav, Gordana Bogoeva Gaceva
    Prepopučujem (1) Ne prepopučujem (0)
  • Odlično, Igore!
    Dragan Stanišić 1 week ago
    Prepopučujem (4) Ne prepopučujem (1)